Заразата со „Црна габа“ се повеќе се шири во Индија по катастрофалниот бран на таканаречениот двоен мутант, „делта“ сојот на коронавирусот.
Ретката, но тешка инфекција со „Црна габа“ може да го уништи видот и да се прошири на мозокот.
Според извештаите, бројот на луѓе кои страдаат од габична инфекција, стручно позната како мукормикоза, драматично се зголемил за само еден месец. Минатиот месец биле пријавени меѓу неколку десетици и неколку стотици случаи а проценките варираат, и сега има 31.000 заразено лице, пишуваат медиумите.
Според нив, последните денови од Индија пристигнуваат вести за случаи на деца кои по хируршки пат ги отстраниле очите поради габичната инфекција.
Три деца на возраст од 4, 6 и 14 години, заразени со „Црна габа“ морале да одат на операција за отстранување на окото во Мумбаи, додека лекарите посочуваат дека мукормикозата кај децата е загрижувачки знак.
Оваа болест е насочена кон ковид пациенти со коморбидитети или болести како што е дијабетес и е опасна дури и за оние кои се заразиле со коронавирус.
„Црната габа“ се прошири на очите на децата и да не ги отстраневме, нивните животи ќе беа загрозени. Тие веќе беа слепи на едното око и имаа голема болка“, рече д-р Притеш Чети од болницата КБХ Бажуали во Мумбаи.
Владата на државата Џарканд прогласи епидемија на мукормикоза во вторникот, откако беа евидентирани 130 сомнителни и 79 потврдени случаи. Дваесет и пет лица починаа, а 37 се опоравија, соопштија властите.
Инфекцијата, според експертите може да влијае на гастроинтестиналниот тракт, рани на кожата, белите дробови и крвта.
Во Индија, „Црната габа“ се чини дека главно влијае на носот и синусите, од каде што може да се прошири на коските, на лицето, очите, па дури и мозокот. Откако ќе се утврди инфекција, таа може брзо да стане агресивна и да доведе до смрт на ткивото. Ако се прошири на очите, многу пациенти завршуваат со трајно губење на видот, а во некои случаи нивните очи мора да се отстранат хируршки за да се спречи ширењето на инфекцијата, објаснуваат упатените.
„Обично влијае на пациенти со ослабен имунитет, како што се дијабетичари. Габите сакаат кисела средина, па затоа пациентите со дијабетична кетоацидоза се особено ранливи“, велат медицинските лица.