Властите во Холандија имаат намера да користат прототип на футуристички електрични роботизирани чамци во област што опфаќа канали од околу 100 километри во Амстердам, а новите и целосно автономни пловни објекти треба да извршуваат разни задачи, вклучително и превоз на патници и отпад, пренесува „Индипендент“.
На проектот наречен „Робоут“, чија цел е развој на нови начини за навигација низ водните патишта во светот без човечка рака зад кормилото, работат експерти од Институтот во Амстердам и научници од Институтот за технологија (МИТ) во Масачусетс, САД.
Електричните роботизирани чамци пловат со мала брзина до шест километри на час, со помош на елиса и четири придвижувачи напојувани од електрична батерија. Во зависност од видот и капацитетот на батеријата и количината на товар, чамецот ќе може да плови помеѓу 12 часа и 24 часа со едно полнење.
Чамците од далечина се управувани од компјутер, кој ги обработува податоците од камерите и сензорите кои ја скенираат областа околу пловниот објект, притоа водејќи сметка за неподвижни и подвижни предмети во водата. Електричните чамци се модуларни, така што лесно можат да се прилагодат за различни намени, односно превоз на товар или луѓе.
Програмерите велат дека им требаат уште две до четири години за да ја усовршат технологијата за автономна контрола на ваквите пловни објекти.
Покрај тоа, новите електрични роботизирани чамци ќе треба да се нагодат да маневрираат низ густиот сообраќај на каналите во Амстердам, преполни со приватни чамци и бродови со туристи.
„Сакаме да бидеме потполно сигурни дека чамците ќе се движат безбедно низ каналите“, вели инженерот за мехатроника, Ренс Дорнбуш.
„Еден од следните чекори е да се осигураме дека можеме успешно да се справиме со каква било ситуација на која би можело да се наиде при навигација во каналите“, додава тој.
Исто така, има и правен аспект на проектот и се работи на подготовка на промените неопходни за да се овозможи автономна употреба на роботизирани чамци, без капетани и кормилари.