Утрински Весник
Македонија

Проштална средба на Димитров со австралиската амбасадорка Стјуарт

Проштална средба на Димитров со австралиската амбасадорка Стјуарт

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со нерезидентната амбасадорка на Австралија во Северна Македонија, Рут Стјуарт.

Вицепремиерот Димитров ѝ се заблагодари на австралиската амбасадорка во заминување за нејзината принципиелна и посветена работа во насока на промовирање и збогатување на пријателството и соработката меѓу Северна Македонија и Австралија и нивните народи, грижата за македонската дијаспора таму, како и придонесот за развој на споделените вредности.

„Демократските вредности и стремежи кон еднаквост, слобода и достоинство кои што ги делиме на билатерален план, нѐ сплотуваат и создаваат општествена поврзаност меѓу нас. Австралија е најуспешниот пример за мултикултурализам и промовирање на концептот на праведна шанса без оглед на културолошкото и јазично потекло, каде различностите се слават како најголеми придобивки. Нашата Македонија иако мала, отсекогаш била доволно голема за да ги обедини и да ги акомодира различностите и има заслужено место во европското семејство. Горди сме што нашата посветеност за негување на добри односи, градење внатрешна кохезија и владеење на правото, се препознаени не само регионално и во Европа, туку и на другите континенти“, нагласи Димитров.

Елаборирајќи ги постигнувањата за време на нејзиниот мандат, амбасадорката Стјуард ги истакна одлучните и зрели чекори на Северна Македонија за постигнување напредок во евроинтегративниот процес, како и подобрување на животот на македонските граѓани.

„Зајакнувањето на демократските институции и реформскиот процес во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупција, се во насока на обезбедување стабилност, просперитет и благосостојба на државата и регионот, но се многу важни и за привлекување на интересот на австралиските компании за инвестирање во Северна Македонија и унапредување на билатералната и мултилатерална политичка, економска и културна соработка“, рече таа.

Соговорниците според соопштеното од кабинетот на Димитров, размениле мислења и за актуелните меѓународни случувања и напорите за надминување на пандемијата од Ковид-19. На средбата биле разгледани можностите за интензивирање на односите во областите од заемен интерес што можат уште повеќе да ги доближат двете земји.

Можете да прочитате

Градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат Меморандум за соработка за Преспанскиот басен

Наутро магла и облачност, попладне дожд

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста