Утрински Весник
Свет

Трудо по откривањето на масовната гробница со деца: Ова не е изолиран инцидент

Трудо по откривањето на масовната гробница со деца: Ова не е изолиран инцидент

Канадскиот премиер Џастин Трудо вети дека ќе им обезбеди поголема поддршка на преживеаните од училиштата за присилна асимилација на домородните луѓе откако беше откриена масовна гробница со 215 домородни деца.

Станува збор за ученици од Kamloops Indian Residential School во Британска Колумбија, кое било затворено во 1978 година, а нивните остатоци беа пронајдени со помош на специјален радар.

Трудо вети конкретна акција за поддршка на преживеаните, семејствата и домородното население, но не прецизираше што може да биде тоа.

„За жал, ова не е исклучок или изолиран инцидент. Не бегаме од тоа. Мора да ја признаеме вистината“, рече Трудо.

Некои деца имале само три години и сè уште не се знае причината за нивната смрт.

Случајот предизвика повици за истрага на сите поранешни резиденцијални училишта.

Со децении, илјадници деца биле одземени од нивните семејства и сместени во интернати, каде што морале да ја научат традицијата на европските колонијалисти за да ја заборават сопствената култура. Насилството и сексуалната злоупотреба биле вообичаени во овие училишта.

„Успеавме да го потврдиме тоа што нашата заедница веќе го знаеше“, рече една од члениците на домородната заедница Розана Казимир. „Во моментов, имаме повеќе прашања отколку одговори“, додаде таа.

Повеќе од 4.100 деца умреле за време на нивниот престој во интернатите. Се верува дека 215 деца чии остатоци биле пронајдени закопани под некогашното најголемо такво училиште во Канада не се дел од таа статистика и дека нивната смрт останала неевидентирана сè до ова откритие.

Трудо на „Твитер“ напиша дека веста му го скршила срцето и дека тоа е болно потсетување на едно мрачно и срамно поглавје во историјата на неговата земја.

Можете да прочитате

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата