Државен и овластен инспектор за животна средина детектираа испусти од фекална канализација и од производни и комерцијални субјекти во отворениот дренажен канал што ги зафаќа атмосферските води од општините Гази Баба и Илинден – во должина од 14 километри.
Акцијата се спровела по пријава од граѓанин кој снимил видео од мост преку каналот во село Марино, каде било видливо обојување на каналот со бела боја.
Од инспекторатот објаснуваат дека вакви појави се случуваат речиси секоја година во летниот период, кога заради низок водостој на каналите и испуштање на непречистени отпадни води, се менува бојата на водата и се јавува непријатна миризба.
Од теренскиот увид било констатирано дека во каналот се испуштаат непречистени отпадни води од село Марино и потенцијално од 3 правни субјекти и 5 инсталации чијшто надзор вршат овластен инспектор за животна средина (производство на пластика, најлон и текстил) и Државен инспектор за животна средина (фарма, складиште за жито, бензинска пумпа и плинска станица).
Во периодот од 31-ви мај до 4-ти јуни, инспекторите ќе спроведат координирани надзори во правните субјекти и инсталациите кои се лоцирани покрај отворениот канал и ќе преземат соодветни мерки.
Општината тековно работи на изградба на фекална канализација во која наскоро ќе се приклучат домаќинствата и правните субјекти и се обврзува дека трајно ќе го спречи загадувањето на отворениот дренажен канал кој минува покрај село Марино.