Во Министерството за финансии се заговара воведување на кризен данок, по примерот на воениот данок во 2001 година, посочуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова значи плаќање на дополнителен процент данок на буквално секоја финансиска трансакција. Тоа значи дека кога секој граѓанин ќе купува нешто или ќе плаќа сметка, ќе плаќа допонителна сума, процент од сметката на Владата“, се наведува во партиското соопштение во кое се обвинува дека на овој начин Владата на Заев става рака во џебовите на сите граѓани и влијае на нивно дополнително осиромашување.
Од опозициската партија велат дека ваквата давачка ќе претставува уште еден товар за населението, покрај вртоглавиот раст на цените на прехрамбените производи, горивата, како и најавата за ново поскапување на електричната енергија.
„Дека има ваква иницијатива, потврди и вицепремиерот Битиќи кој рече дека не е исклучена ваквата можност, како и дека и претходно сме имале кризен данок во 2001 година, таканаречен Воен данок, поради високиот дефицит во буџетот“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.