Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев: Извештаите од ЕУ укажуваат на видливи успеси во владеењето на правото

(Видео) Заев: Извештаите од ЕУ укажуваат на видливи успеси во владеењето на правото

Премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот изрази задоволство од извештаите од Европската унија кои, како што кажа, нотираат видливи успеси во владеењето на правото и во спроведувањето на правото еднакво за сите.

Тој констатираше дека тоа е сигнал за да се работи уште повеќе во тој правец, за да може да расте уште повеќе довербата на граѓаните во правосудството.

„Уште повеќе да се охрабрат делителите на правдата, судиите, истражителите, обвинителите – да носат одлуки согласно Устав, закон, сопствено убедување, без какво било влијание од кого било, да ја делат правдата, но истовремено да ја штитат и правичноста, давајќи им на граѓаните можност до крај да ги искористат сите правни алатки и инструменти што им стојат на располагање“, кажа Заев.

Како што посочи тој, изминатиот период засилена е ефикасноста, редовноста и одржувањето на рочиштата.

„Само во 2020 година најголемиот суд, Кривичнот суд Скопје 1 има 1.500 предмети повеќе, кога е корона-време, во споредба со 2019 година. Сето тоа го прави транспарентноста, гласноста на граѓаните, контролата на Судскиот совет во судството. Убеден сум дека ќе продолжиме заедно уште повеќе да ја градиме довербата во правосудството. Политичарите треба да ги тргнат своите раце далеку од правосудството. Судиите се должни да носат одлуки согласно Устав, закон и сопствено убедување. Секогаш постои второстепеност, Врховен суд, па и Стразбур, но дефинитивно делењето на правдата е нешто што го очекуваат граѓаните да биде еднакво за сите. Никој не е виновен додека не се докаже вина, секој мора да одговара доколку доказите тоа го потврдуваат“, порача премиерот.

Тој кажа дека владеењето на правото и довербата во правниот систем значи економија, значи економски стандард, значи повеќе инвестиции и е еден од главните постулати да се биде членка на НАТО, но и првото поглавје што се отвора при членство во ЕУ и последното што се затвора.

Можете да прочитате

Повторно изненадени од снегот, патиштата ширум Македонија не се исчистени

Скопје добива прв електричен car-sharing систем

Страшна сообраќајна несреќа – Во прекин сообраќајот на патот Ресен – Охрид, кај превојот Буково