Утрински Весник
Свет

Бачел: Израел би можел да биде обвинет за воени злосторства

Бачел: Израел би можел да биде обвинет за воени злосторства

Високата комесарка на ООН за човекови права, Мишел Бачел изјави дека израелските напади врз појасот Газа можат да бидат оквалификувани како воено злосторство.

Таа исто така нагласи дека не добила докази дека зградите што биле мета, биле користени за воени цели.

На состанокот на Советот за човекови права на ООН во Женева се расправа за отпочнување на широка меѓународна истрага за нападите поврзани со последниот конфликт меѓу Израел и палестинските екстремистички организации во појасот Газа, но и за „систематските“ злоупотреби на палестинските територии внатре во Израел.

Се предлага Советот за човекови права на ООН да повика на испитување на злосторствата и повреда на човековите права во деценискиот конфликт на Блискиот исток.

Нацрт-резолуцијата е предложена од Организацијата за исламска соработка (ОИС) и за неа се дискутира на денешниот состанок фокусиран на ескалацијата на насилствата меѓу Израел и Палестина во текот на овој месец.

Состанокот на 47 членови на Советот го свика Пакистан во име на ОИС и палестинските власти.

Израелската амбасадорка во ООН во Женева, Меирав Ејлон Шахар во средата ги критикуваше и состанокот и нацрт-резолуцијата, велејќи дека единствената цел е „да се обвини Израел, да се прикријат злосторствата на Хамас и да се избегне палестинската власт да преземе одговорност за сопствениот народ“.

Пред прекинот на огнот во петокот минатата недела, во израелските воздушни напади беа убиени 253 Палестинци, од кои 66 деца и беа ранети повеќе од 1.900 луѓе, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Дванаесет лица беа убиени во Израел, меѓу кои две деца и еден војник.

„Оваа ескалација е директно поврзана со протестите и силниот одговор на израелските безбедносни сили, најпрво во Источен Ерусалим, а потоа и низ целата окупирана палестинска територија“, изјави Бачел.

Таа истакна дека ракетните напади на Хамас се случајни и не прават разлика помеѓу воените и цивилните објекти и затоа тие претставуваат јасно кршење на меѓународното хуманитарно право.

Во врска со израелските напади во Газа, таа рече дека многу цивили се убиени и ранети и големи штети се предизвикани на цивилен имот, а ги спомена и владините и станбените згради и куќите, меѓународните хуманитарни организации, здравствените институции, канцелариите за медиуми и патиштата, нагласувајќи дека покрај израелските тврдења дека многу од овие згради биле користени од вооружени организации или дека служеле за воени цели, не биле видени други докази.

Таа исто така изјави дека поставувањето на воена опрема во густо населените цивилни области и извршувањето напади од таму претставува кршење на меѓународното хуманитарно право.

“Нема сомнение дека Израел има право да ги брани своите жители. Сепак, Палестинците исто така имаат права. Истите права”, рече Бечел.

Таа ги повика израелските власти веднаш да го запрат процесот на иселување на палестинските семејства во согласност со израелските обврски и врз основа на меѓународното право.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година