Утрински Весник
Македонија

Министрите на Чешка, Словенија и Австрија до Заев: „ЕУ мора да испорача“

Министрите на Чешка, Словенија и Австрија до Заев: „ЕУ мора да испорача“

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска ги прими министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Словенија, Анже Логар и на Чешка, Јакуб Кулханек, кои се во еднодневна работна посета на нашата земја.

На средбата тројцата министри децидно застанаа зад предлогот на португалското претседателство оценувајќи го како клучен чекор со кој ќе се засили темпото во евроинтеграциските процеси. Министрите се согласија дека Северна Македонија успешно ги заврши сите предвидени реформи кои треба да гарантираат одржување на првата меѓувладина конференција и сега на ред е Европската Унија да го испорача ветеното.

Заев ја истакна благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што овие земји ни ја даваат во евроинтеграцискиот процес и на проширувањето на ЕУ и се осврна на значењето на европскиот Економски и инвестициски план за Западен Балкан како значаен за постковид економија и за закрепнувањето на земјите од последиците од пандемијата.

„Како земја кандидат за членство чекаме веќе 16 години и како влада со секоја наша постапка, со секој гест, со секоја политика што ја реализираме, покажуваме почитување на сите европски вредности. Преземаме чекори за големи реформи во економијата и образованието како меѓусебно врзани процеси, но работиме на интензивни реформи во секоја сфера на општеството“, истакна Заев.

Заев се задржа и на можностите за деблокирање на процесот на нашето пристапување во ЕУ и истакна дека нашата цел – членството во Европската Унија нема алтернатива.

„Ние сме силно посветени на наоѓање на решение за проблемот што го отвори Бугарија, притоа потенцираме уште еднаш дека ние за идентитетските прашања нема да разговараме, затоа што станува збор за темелна европска вредност и сме благодарни за разбирањето на кое што наидовме во Брисел и во останатите земји членки на ЕУ во однос на ова прашање“, додаде Заев.

Премиерот ја искажа и својата почит кон португалското претседателство со ЕУ и за нивните напори да се реши овој проблем со предлогот решенија со кои министерот за надворешни работи Силва вчера ги презентираше во Скопје и Софија, кои ние како Влада го оценуваме како добра основа за решавање на прашањата што Бугарија ги отвори во однос на Северна Македонија.

 

Можете да прочитате

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја