Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ги пречека министрите за надворешни работи на Австрија – Александер Шаленберг, Словенија – Анже Логар и на Чешка – Јакуб Кулханек, кои претстојуваат во еднодневна работна посета на Република Северна Македонија.
Тема на разговорите беа тековните теми со ЕУ предзнак: европското досие на земјава, реформските процеси, добрососедските односи, а една од централните теми беше и можностите за напредок во европските интеграции на претстојните летни Совети на ЕУ.
Османи изрази благодарност за гласната поддршка и континуираниот ангажман на Австрија, Словенија и Чешка за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија, а особено беше истакната благодарноста до Европската унија, за обезбедените вакцини за граѓаните на целиот Западен Балкан.
„Нивната поддршка е навистина цврста, конзистентна и долгорочна. Ние денес не го усогласуваме нивниот став за нашите европски интеграции – тој е одамна познат; јас денес побарав, и добив силни пораки на согласност од колегите, дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамките на Унијата ќе продолжи. Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме, нам ни се потребни пријателите за да ни овозможат фер платформа, да ни овозможат фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции“, истакна Османи.
Министрите за надворешни работи се во посета на земјава, во својство на претставници на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5“, во која покрај Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија, чии претставници веќе беа во посета на земјава. Овие земји претставуваат непосредно соседство на Западниот Балкан.
Покрај принципиелната поддршка во чија основа се нашите заслуги, тие имаат и силно изразен интерес за напредок на целиот регион, имаат широки и длабоки познавања за состојбите во нивното непосредно соседство, што ги прави силни политички авторитети во рамките на Унијата кога на маса се прашањата за нашиот регион.
„Би сакал да верувам дека ова лето носи повеќе од убаво време; нашите надежи се да имаме и поубава и попозитивна политичка клима. Летните самити на ЕУ се прозорец на можности што треба да го искористиме со сета своја политичка волја и напори; влогот е преголем, а ние сме премногу близу за да ја испуштиме можноста. Вашето присуство во земјата е навремено, точно на 30 дена пред јунските состаноци на ЕУ, на кој очекуваме дека ќе имплементира одлуката од март, минатата година, за формален старт на преговорите“, нагласи Османи.