Германскиот печат пишува за унгарскиот премиер Виктор Орбан, дека уште еднаш одбил да го прифати заедничкиот став на ЕУ, овојпат за Израел. Но, на тој начин, Орбан е сè поизолиран во ЕУ, а и дома не му оди баш најдобро, се вели во текстот.
„ Која е таа земја, единствена членка, што не ја прифатила позицијата на ЕУ за ескалацијата на Блискиот исток, вклучително и повикот за итен прекин на огнот, го праша еден новинар во вторникот вечерта Жозеп Борел. И тој одговори невообичаено отворено: Тоа беше Унгарија, како што веројатно претпоставувате“, наведуваат авторите на текстот во извештајот на „Зидојче Цајтунг“.
Германскиот весник пренесува дека „по видео конференцијата, министерот за надворешни работи на Унгарија, Питер Сијарто, рекол дека принципиелно има проблеми со европските изјави за Израел. Премиерот Орбан разви блиски врски со премиерот Бенјамин Нетанјаху, па Унгарија се смета за земја во ЕУ во која Израел ужива најголема поддршка. На Унгарија и пречеше фактот дека, во заедничката изјава формулирана од Борел, и покрај правото на самоодбрана, Израел мора да го почитува меѓународното хуманитарно право и дека иселувањата во источен Ерусалим мора да завршат” се додава во текстот.
„Зидојче цајтунг“ потсетува дека „пред помалку од десет дена, Унгарија ја блокираше декларацијата на ЕУ за кинескиот закон за безбедност за Хонг Конг. На крајот на март, Унгарија ги поддржа санкциите на ЕУ против четворица Кинези за сузбивање на муслиманските ујгури во Ксинџијанг, но министерот за надворешни работи на Унгарија, Сијарто казните јавно ги нарече бсмислени и штетни. Во текстот се наведува дека „Орбан сака да се заканува со своето вето, на пример во преговорите за буџетот на ЕУ. Ниедна членка не го покажува своето противење со заедничките ставови на ЕУ како Унгарија“.
Според весникот „ едно објаснување за фактот дека Будимпешта ги штити Пекинг и Москва може да бидат растечките економски врски“. „Унгарија зеде заеми од своите источни партнери за големи инфраструктурни проекти. И ништо не е познато за условите на тие заеми, бидејќи, како што е вообичаено за Орбан, релевантните договори со источните партнери се строго доверливи”, пишува „Зидојче цајтунг“.