Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска присуствуваа на патниот правец Узем-Тораница, инвестиција која е од огромно значење за економскиот развој на овој регион. Со рехабилитација на оваа делница се подобрува конекцијата помеѓу жителите во регионот, но се подобруваат и условите за непречено функционирање на рудникот Тораница.
Станува збор за пат со должина од речиси 7 километри, а комплетната рехабилитација се очекува целосно да заврши во август годинава.
„ Владата на Северна Македонија продолжува со интензивно темпо и јасни политики, во коишто инфраструктурата и одржливиот развој и развојот на економијата, се приоритет. Ставивме силен акцент на економскиот и инфраструктурен развој на целокупниот овој регион коjшто беше запоставен со децении. Продолжуваме со интензивно темпо да ставаме акцент на инфраструктурните проекти коишто го поврзуваат Кривопаланечкиот Регион со останатите региони од државата но и со земјите од регионот. Овој пат кадешто сме денеска Узем-Тораница е особено значаен заради тоа што води до најголемиот индустриски капацитет во регионот на Крива Паланка, во којшто се вработени најголем дел од жителите од овој регион, а тоа е рудникот Тораница“, рече вицепремиерот Николовски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во своето обраќање потенцираше дека во моментов се рехабилитираат и градат повеќе патни правци во овој регион.
„Затоа посветено работиме на негова доизградба и модернизација. Само во овој дел од државата инвестираме преку 80 милиони евра во патната мрежа. Особено сум задоволен што во овој момент целата патна врска од Куманово до границата во Бугарија се модернизира. Неодамна започнавме со рехабилитација на патниот правец од Куманово до с.Војник како прва фаза. Во продолжение како втора фаза го рехабилитираме патот од с. Војник до Страцин. Во меѓувреме градиме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. Тука би сакал да спомнам дека овој месец ЈП за државни патишта објави тендер за доизградба на првата делница. Ја прошируваме со трета лента делницата од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир“, рече министерот Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми рече дека вкупната вредност на рехабилитацијата на патната делница Узем-Тораница е во износ од 1.75 милиони евра, пари обезбедени од Европската Банка за обнова и развој.
„Градежните активности се во тек, досега е изведена набавка, транспорт и вградување на прв, израмнувачки слој, како и набавка, транспорт и вградување на втор, завршен слој. Останува изведба на сигнализација и обележување на патот и опремата на патот“, рече Рустеми.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, изјави дека сите инфраструктурни инвестиции што се реализираат се значајни за развојот на Кривопаланечкиот Регион.
„Со сите градежни активности коишто беа направени во изминатиот период и активностите што моментално се спроведуваат, и со оваа делница, Крива Паланка станува развојна точка. Ова е помош за локалното население и огромна помош за рудникот Тораница во којшто работат и од него опстојуваат околу 370 семејства“, рече градоначалникот Мицевски.
Од регионална гледна точна, овој дел на државата е стратешки важен поради Пан Европскиот Коридор 8. Инвестициите во патната инфраструктура продолжуваат со зголемен интензитет и во наредниот период. Се очекува долга градежна сезона и отворање на дополнителен фронт за работа и за домашните компании.