Американскиот претседател Џозеф Бајден, во согласност со традицијата на американските претседатели, објави податоци за платен данок, соопшти Белата куќа.
Даночната пријава покажува дека претседателот Бајден и неговата сопруга заработиле 607.336 долари минатата година и платиле 157.414 долари данок, според извештајот на Би-би-си, додавајќи дека во 2019 година Бајден заработил 985.223 долари.
Доналд Трамп е првиот американски претседател по аферата Вотергејт, кој одби да открие податоци за своите приходи и даноци, наведувајќи дека во тоа го спречува истрагата спроведена од Управата за приходи на САД.
Бајден на почетокот на претседателската кампања минатата година објави информации за неговиот финансиски статус, кои вклучуваат даночни извештаи и на државно и на федерално ниво за 2016, 2017 и 2018 година. Според тие податоци, „Форбс“ проценил дека Бајден е „тежок“ девет милиони долари.
Најголем дел од богатството на Бајденови е во недвижнини, но исто така имаат портфолио на инвестиции. Според „Форбс“, двете куќи на семејството Бајден во Делавер вредат четири милиони долари. „Форбс“ исто така пишува дека семејството има готовина и инвестиции во вредност од четири милиони долари, како и федерална пензија од еден милион долари.
Претседателската плата на Бајден изнесува 400 000 долари годишно. САД, исто така, му даваат на својот врховен командант 50.000 долари „за да помогнат во покривањето на трошоците поврзани или како резултат на извршувањето на неговите службени должности.