Утрински Весник
Свет

Чавушоглу: Одбиваме каква било дискусија за можна промена на границите на Балканот

Чавушоглу: Одбиваме каква било дискусија за можна промена на границите на Балканот
Dik 300x250 mk

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска во Сараево изјави дека неговата земја одлучно одбива каква било дискусија за можни гранични промени на Балканот и сака да ја види зачувана стабилноста во регионот, со јакнење на соработката меѓу земјите.

Шефот на турската дипломатија престојуваше во официјална посета на Босна и Херцеговина, каде што пристигна од Словенија. По состанокот со министерката за надворешни работи на БиХ Бисера Турковиќ, тој им изјави на новинарите дека во Љубљана добил уверување дека тамошните власти во никој случај не стојат зад нон-пејперот што се појави во медиумите и со кој се сугерира на потребата за промена на границите на регионот за да се формираат големи етнички држави, а БиХ да се подели.

„Словенија на кој било начин не ги поддржува ставовите изразени во нон-пејперот, ниту е нивен автор“, рече Чавушоглу, додавајќи дека оние што пишуваат и пласираат такви дела го прават тоа со крајни намери.

Министерката Турковиќ потврди дека од Чавушоглу добила уверувања дека Турција силно ги поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.

Во одделни интервјуа за некои дневни весници на Босна и Херцеговина, Чавушоглу рече дека дури и дебата за суверенитетот или територијалниот интегритет на БиХ или која било земја во регионот ја загрозува стабилноста не само на таа земја туку и на нејзините соседи, регионот и континентот.

„Ако ја земеме БиХ како пример, зборуваме за ситуација што може да ја загрози стабилноста на Балканот, па дури и на Европа. Турција, како балканска земја, дава целосна поддршка на политичкото единство и територијалниот интегритет на БиХ“, рече Чавушоглу.

 

Можете да прочитате

Еден Србин и двајца Хрвати загинаа бегајќи од германската полиција

Најбогатите луѓе во Европа живеат во Швајцарија и Данска

САД очекуваат Унгарија да престане да користи руска нафта и гас