Лицето кое беше осомничено дека е посредник и пет лица кои работат во управните служби на МВР се изјаснија за виновни во случајот „Двојник“, за фалсификуваните пасоши издавани на странци, меѓу кои криминалци и членови на наркокартели. На рочиштето не присуствуваше само една обвинета, исто така вработена во МВР, која преку овластен адвокат го известила судот дека е подготвена да признае вина. Останатите петмина кои се сомничат во случајот се изјаснија за невини.
Ова е прво судење откако Обвинителството поднесе обвинителен предлог за лажните пасоши. Досега, осомничени се 11 лица за злоупотреби извршени при издавањето на патни исправи. Со поднесениот предлог, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.
Обвинителството ги гони обвинетите под сомневање дека, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности.
„Со тоа обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РМ, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање патна исправа, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем ‘Симболико’, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето“, соопштија од Обвинителството при поднесување на обвинителниот предлог.