Аудио снимката со скандалозна содржина, каде се слушаат два гласа за кои се тврди дека се дел од осудените за 27 април, од кои еден од нив упатува морбидни закани за ликвидација на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, како и на луѓето кои го поддржуваат, предизвика згрозување на јавноста, стои во писменото соопштение на СДСМ.
Според владејачката партија, објавувањето на снимката доаѓа само неколку дена по одржувањето на протестите поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, каде се бараше ослободување на осудените за 27 април.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски цврсто стојат зад вакви насилници и бараат слобода за овие луѓе, осудени насилници кои се закануваат дека ќе го повторат насилството, кои се закануваат со убиства. Мицкоски ги нарекува уставобранители лицата кои посегнаа по животите на пратеници, новинари, луѓе од собраниските служби, кои претепаа пратеник кој заврши и во кома. Насилници никогаш не биле, ниту ќе бидат уставобранители“, потенцираат од СДСМ.
Од таму додаваат дека, ВМРО-ДПМНЕ за сите овие години раководена од Мицкоски се докажала како партија која стои на страната на криминалот, брани насилници, пласира лажни вести и опструира значајни процеси.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат токму ваква алтернатива на граѓаните. Јасна е разликата меѓу СДСМ која посветено работи на демократизација на општеството, на интеграција и економски раст и развој и ВМРО-ДПМНЕ која цврсто стои на браникот на криминалот и работи спротивно на интересите на граѓаните и државата“, е наведено во писмената реакција од партијата на власт.
Истакнуваат дека граѓаните ја препознаваат разликата и затоа според нив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски шест пати се казнувани од народот и како што велат ќе бидат казнувани и понатаму, затоа што деструктивноста е единственото нешто што го нудат на народот.