Министерството за надворешни работи на Романија го прогласи помошникот воен аташе на Русија, Алексеј Гришаев, за персона нон грата, објави прес-службата на Министерството.
„Романското Министерство за надворешни работи објави дека романските власти одлучија да го прогласат помошникот воен аташе на руската амбасада во Букурешт за персона нон грата на романска територија“, се вели во соопштението објавено на интернет-страницата на Министерството за надворешни работи.
Министерството смета дека постапките на Гришаев се спротивни на одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Романскиот министер за надворешни работи Богдан Ауреску го покани рускиот амбасадор во Букурешт Валери Кузмин во Министерството за надворешни работи во понеделникот за да го информира за одлуката на романските власти.