Утрински Весник
Македонија

Царовска: Ако до вчера дискутиравме за штетни договори сега дискутираме само за квалитет на учебниците

Царовска: Ако до вчера дискутиравме за штетни договори сега дискутираме само за квалитет на учебниците

Министеркта за образование и наука Мила Царовска потенцира дека квалитетот во учебниците и модернизацијата во образованието се во фокусот на министерството и според неа многу важно е да се направи исчекор во процесот на дигитализација.

„Ако до вчера на тема учебници дискутиравме за криминал, корупција и штетни договори, јас сум среќна што денеска дискутираме за исклучиво за квалитетот на учебниците. Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој ќе може да одбере на кој начин да учи“, рече Царовска.

„Медиумите детално објавуваа текстови и слики на неквалитетни учебници кои ги уништуваа нашите деца, а низ кои поминаа генерации и генерации кои денес сигурно чувствуваат недостаток заради лошиот квалитет на учебниците. Сега, со овој закон за учебници за прв пат поставуваме филтри што треба да обезбедат квалитет преку комисии составени од наставници по соодветниот предмет, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор кои имаат искуство повеќе од 10 години за превенција од дискриминација и почитување на човекови права“, истакна таа, додавајќи дека ова се прави со цел оние учебници во кои има дискриминација врз основа на етничка припадност, дискриминација врз жените, уништување на граѓанскиот концепт во државата или претставување на власта како доминантна и моќна, а граѓаните како ситни, да станат минато.

„Формата е една работа, а што има внатре во еден учебник е друга работа и тоа наставниците најдобро го знаат. Затоа дебатата ја водиме со нив како најстручни. Секако дека ќе има дилеми што е подобро, а што е полошо, но важно е да направиме исчекор кон процесот на дигитализација и модернизација на образованието„ рече Царовска.

Министерката појасни дека законот нуди комбиниран модел на примена на електронски и печатени учебници согласно позитивните практики во земји како Хрватска, Словенија и Естонија и дека истиот ќе се воведува сукцесивно. Учениците од прво до трето одделение и натаму ќе добиваат учебници во хартиена форма, додека во новата учебна година само учениците од четврто одделение покрај можноста за хартиени, ќе добијат и дигитална верзија на учебниците. Дополнително, како што посочи министерката сите учебници ќе бидат понудени и во аудио формат, додека за учениците со оштетен вид ќе бидат печатени на Брајово писмо.

„Дигиталниот учебник не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре, па само е ставен во електронска форма. Напротив. Концептот на учење е таму да има примери, насочување кон истражувања, а да ученикот може да ги потврди фактите коишто треба нужно да ги знае. Секој од родителите којшто смета дека нема да може неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем“, рече Царовска додавајќи дека е значајно што со новото законско решение, различните потреби на учениците ќе бидат пресретнати со различен тип на учебници.

Министерката информираше и дека подготовките за примена на новите наставни програми за прво одделение се започнати пред извесно време во соработка со локалните самоуправи и училиштата.

„Веднаш откако се донесе наставната програма за прво одделение, сите училишта беа известени што е потребно за започнување на наставата наредна година и до 15ти јуни треба да ги имаат обезбедено ресурсите потребни за секоја училница. Учебниците се печатени и треба да им бидат доставени. За 4-то одделение штом ќе биде подготвена програмата, училиштата повторно ќе бидат известени што е потребно да имаат за реализација, но и да дадат информација каде е потребно да имаме засилување за обезбедување дигитални уреди, за што огромна поддршка и досега е добиена од реалниот сектор“, рече министерката.

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски