Утрински Весник
Свет

Убиецот кој застрела осум луѓе во „Федекс“ го купил оружјето легално

Убиецот кој застрела осум луѓе во „Федекс“ го купил оружјето легално

Момчето кое уби осум лица со огнено оружје во објект на „Федекс“ во Индијанаполис, САД, а потоа изврши самоубиство, купил легално две полуавтоматски пушки.

Како што јавија американските медиуми, тој ги искористил овие пушки за да го изврши злосторството.

„Тој го купил оружјето неколку месеци по престојот во психијатриската установа“, соопшти полицијата.

19-годишниот убиец Брендон Хол, поранешен вработен во филијалата на „Федекс“ во Индијанаполис, купил две пушки, едната во јули, а другата во септември минатата година, потврди полицијата на Индијанаполис, не сакајќи да открие каде точно е купено оружјето, пренесува „Ројтерс“.

Федералното биро за истраги (ФБИ) објави дека полицијата во Индијанаполис привремено го привела Брендон Хол во март 2020 година поради психијатриски проблеми, откако неговата мајка поднела пријава и предупредила дека нејзиниот син може да изврши таканаречено „самоубиство со помош на полицијата“, односно да ја испровоцира полицијата да го убие.

Во тоа време во неговата куќа била запленета ловечка пушка, а поради запленување на оружје и други предмети пронајдени во спалната соба на Хол во април 2020 година, убиецот од Индијанаполис бил интервјуиран од ФБИ, потврди Пол Кинан, специјален агент кој ја води истрагата.

По злосторството во Индијанаполис, американскиот претседател Џо Бајден рече дека убиствата со оружје се национална срамота и го повика Конгресот да забрани употреба на автоматско оружје слично на она што го користат припадниците на вооружените сили.

Претходно, Белата куќа објави дека пукањето во зградата на „Федекс“ во Индијанаполис е доказ за епидемијата на вооружено насилство во САД, што покажува потреба од итна акција на Конгресот за мерки за побезбедна продажба и ракување со оружје.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година