Утрински Весник
Македонија

Адвокатот на Камчев: Доказите со кои е одреден притворот се прибавени на незаконски начин

Адвокатот на Камчев: Доказите со кои е одреден притворот се прибавени на незаконски начин

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев, на денешната прес-конференција соопшти дека доказите со кои е одреден притвор од 30 дена се „прибавени на незаконит начин и поради тоа на нив не може да се заснова судска одлука“. На тој начин, како што беше кажано, се повредени неговите уставно загарантирани права и слободи.

Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски рече дека одбраната ќе поведе постапка за незаконитост на докази кои се поднесени од Агенцијата за национална безбендост, со што ќе бараат тој да се брани од слобода. Според адвокатот единствениот доказ врз основа на кој се темели Решението за определување на мерка притвор, никогаш не бил доставен до одбраната.

„ Информацијата од АНБ на РСМ од 14 март 2021 година која е доставена и предложена како доказ кон Предлогот за изрекување мерка притвор, е незаконска и треба да биде отфрлена како доказ. Таа никогаш не е доставена до одбраната и е единствениот доказ на кој се темели притворот на Камчев“, рече Менкиновски, кој нагласи дека АНБ ако навистина имала докази за неговото наводно бегство требало да ја запази законската процедура и да го извести Бирото за јавна безбедност, а потоа БЈБ да го извести јавниот обвинител.

Менкиновски ја обвини власта за киднапирање и тортура кон неговиот клиент, кој речиси еден месец е во притвот во Шутка.

„ Аплеираме до институциите на системот да работат совесно, штитејќи го својот професионален интегритет. Време е во оваа држава да завршат иживувања врз лица, загрозување на нивно здравје, загрозување на сериозни бизниси и работни места на луѓе, преку местенки и злоупотреба на тајните служби“ порача Менкиновски.

Орце Камчев од 14 март е во 30-дневен притвор како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. За мерката притвор, тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена.

Можете да прочитате

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме