Утрински Весник
Свет

Барние: Вистинските последици од Брегзит дури сега се чувствуваат

Главниот преговарач на Европската Унија: Подготвени сме да ги продолжиме преговорите со Велика Британија

Главниот европски преговарач за Брегзит, Мишел Барние изјави дека вистинските последици од одлуката на Британците да ја напуштат Европската Унија, години по референдумот во 2016 година, дури сега почнуваат да се чувствуваат.

Наведувајќи ги промените што ги донесе Брегзит од 1 јануари, кога дефинитивно стапи на сила по преодниот период, Барние рече дека трговските бариери, ограничувањата на движењето за граѓаните и работните визи се неизбежни.

„Вистинските последици од референдумот дури сега почнаа да допираат до многу луѓе“, рече Барние на собирот во Швајцарија во средата преку видеоврска од Париз.

„Реалноста што секој може да ја види е дека Брегзит значи враќање на трговските бариери кои не постоеја пред 47 години“, додаде тој.

Извозот на храна и пијалаци од Велика Британија во ЕУ опадна за 75,5 проценти во јануари, соопшти британската Федерација за храна и пијалаци, припишувајќи голем дел од оваа бројка на бариерите по Брегзит. Британската влада соопшти дека трговијата со Европската Унија е погодена од пандемија и проблемите со кои се соочуваат компаниите при прилагодувањето кон новите царински правила и очекува тоа да се подобри со текот на времето.

Барние, исто така, посочи дека британските и европските граѓани веќе немаат право да се движат слободно на британска и европска територија, наведувајќи ги како пример музичарите кои мораат да добијат работни дозволи. Тој рече дека Брегзит е исто така лекција за Европската Унија, која мора да им покаже на своите граѓани дека Унијата им користи на сите и дека не е дистанцирана и индиферентна бирократија, како што тоа го прикажуваат поддржувачите на Брегзит.

Можете да прочитате

Израел ги нападна Хутите во Јемен

Трамп најави дополнителни царини за секој што ќе соработува со „антиамериканскиот сојуз БРИКС“

Бројот на жртви од поплавите во Тексас достигна 70