Мумифицираните остатоци од 22 древни египетски кралеви и кралици, со величенствена поворка низ улиците на Каиро во сабота ќе бидат пренесени до нинвното ново почивалиште.
Остатоците од 18 кралеви и четири кралици, подредени по возраст, ќе бидат пренесени на засебни платформи украсени во древен египетски стил во поворката наречена „Златна парада на фараоните“.
Посмртните останки се преместуваат од Египетскиот музеј во центарот на Каиро, каде што беа со децении, во Националниот музеј на египетската цивилизација, отворен во 2017 година на југот од градот.
Таму ќе бидат изложени во малку помодерни витрини, вели Салима Икрам, професорка по египетологија на Американскиот универзитет во Каиро.
„Контролата на температурата и влажноста ќе биде подобра отколку во стариот музеј“, додава Икрам, која е експертка за мумификација.
Фараоните и кралиците ќе бидат пренесени во златни кочии, секој во своја. Секоја кочија ќе има амортизери за да биде што е можно побезбедна во текот на 40-минутното патување низ Каиро.
Секенерна Тао II, наречен Храбариот, кој владеел со јужен Египет околу 1.600 година п.н.е., ќе биде во првата кочија, додека на задната страна ќе биде Рамзес IX, кој владеел во 12 век п.н.е.
Рамзес II и кралицата Хатшепсут исто така ќе бидат во поворката.
Поворката ќе започне во 18 часот по локално време во сабота и ќе има големо обезбедување. Ќе има музичка придружба, а ќе биде пропратена и со настапи од египетски уметници. Целиот настан ќе се пренесува во живо на државната телевизија.