Еден од роднините на осудените за случајот „Монструм“ Бедри Ајдари кој е и организатор на протестите кои требаше да се случат денеска, вели дека се работи за недоразбирање и дека овој настан ќе се одржи идниот петок на 2 април.
Тој вели дека зад денешната најава не стои никој од роднините на осудените и доколку имало некој обид за организирање протести не е поврзан со нив.
„Не знам како се случило ова недоразбирање или дезинформирање. За денеска немаме најавено протести ниту во МВР, ниту пак сум известен дека некој од роднините на осудените за „Монструм“, повикува на протести. Нашиот настан е закажан за идниот петок , а за деталите и маршутата на движењето на присутните, дополнително ќе ја информираме јавноста“, изјави Ајдари за „Макфакс“.
Инаку на минатите протести полицискиот кордон кој беше распореден кај „Мавровка“ не дозволи протестниот марш, кој почна од Чаир, да заврши пред Кривичниот суд и Владата, по што протестите ескалираа и демонстрантите насилно со фрлање предмети кон полицајците се обидоа да го пробијат. Се фрлаа камења, бекатон-плочки, пластични шишиња, канти за отпадоци кон полицискиот кордон, којшто сепак успеа да го спречи движењето на демонстрантите кон Кривичниот суд. Полицијата на крајот возврати со шок-бомби и успеа да ги потисне демонстрантите кон „Бит -пазар“. Епилогот од протестите за пресудата за „Монструм“беше осум приведени лица кои учествуаа во насилствата и седум повредени полицајци, а беа нападнати и новинарски екипи, при што двајца новинари беа повредени.
Протестите ги најавија роднините на првостепено осудените во случајот, кои се жалат дека тие се невини и осудени без докази. Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.