Животот на покојната кралица на соул музиката, Арета Френклин, е прикажан во мини-серија на National Geographic (NatGeo), која почнува да се емитува неделава со Синтија Ериво во главната улога, но блиски роднини на легендата тврдат дека сите нивни обиди за соработка со креаторите на програмата биле одбиени, и воедно ги повикаа фановите да ја бојкотираат серијата.
Внуката на Арета, Грејс Френклин, во видеото споделено на Тик-ток вели: „Како потесно семејство, чувствуваме дека е важно да се вклучиме во било кој биографски приказ од животот на баба ми, бидејќи е тешко да се добие точен приказ на животот на една личност, без да се зборува со најблиските.“
„Во текот на процесот на пишување, режија и снимање на овој филм, во повеќе наврати како семејство се обративме до Genius, каде што бевме непочитувани и ни беше кажано дека нема да работат со нас.“
„Како блиско семејство, ние не го поддржуваме овој филм и бараме и вие да не го поддржувате бидејќи се чувствуваме крајно непочитувани и сметаме дека ќе има многу неточности во врска со животот на баба ми“.