Холивудската sвезда Џони Деп денес ќе побара дозвола да го обжали поразот во битката за клевета со британски таблоид кој го нарече „тепач на жена“.
Ендру Никол, судија на Кралскиот суд на правдата во Лондон, во ноември минатата година донесе одлука дека Деп физички ја напаѓал својата поранешна сопруга Амбер Херд за време на нивната бурна петгодишна врска, и ја довел до ситуација да стравува за нејзиниот живот.
Во пресуда со која сериозно може да се наруши угледот и кариерата на Деп, судијата рече дека ги прифаќа тврдењата на поранешната сопруга на актерот дека тој бил насилник. Според него, „подносителот на барањето не успеа да ја докаже постапката за клевета“.
Одлуката уследи по три недели рочишта при што судот слушна сензационални тврдења од Деп (57) и Херд (34), за насилни испади за кои се обвинуваа меѓусебно.
На крајот на процесот, откако нивиот клиент ја загуби битката, адвокатите на Деп изјавија дека пресудата е толку погрешна што ќе биде смешно да не се обжали.
Деп ги тужеше News Group Newspapers, издавачи на весникот „Сан“, и главниот уредник Дан Вутон во врска со напис од 2018 година во кој се вели дека бил насилен кон Херд.
Во четврток, правниот тим на Деп ќе аплицира за дозвола за жалба и за потпирање на дополнителни докази. Рочиштето, кое се очекува да трае околу два часа, ќе биде пренесувано во живо на каналот на Апелациониот суд на Јутјуб.