Утрински Весник
Македонија

Објавена програмата на Зоран Заев за партиските избори на 21 март

Објавена програмата на Зоран Заев за партиските избори на 21 март

Со програмата „Нова политика“, Зоран Заев ќе ја бара довербата од членството на првите директни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, закажани за в недела, 21 март.

Програмата е достапна на јавноста на официјалната интеренет страница на СДСМ.

Од СДСМ појаснуваат дека програмата е базирана на пет клучни столбови, со цел позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи од СДСМ.

Се најавува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда. Тоа, како што посочуваат социјалдемократите, не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе.

„Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните, а функционерите мора да им служат на граѓаните“, велат од СДСМ.

Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот. СДСМ во таа насока наведува дека народот веќе сведочи дека нема веќе недопирливи, а во тоа почнале да се уверуваат и тие кои беа најсомничави.

„Времето на неказнивост заврши, на ред е правдата. Истото важи и за сите од редовите на СДСМ. Членката книшка од партијата не значи привилегија туку уште поголема одговорност“, додава СДСМ.

Охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови е третата точка од Програмата. Во оваа насока се образложува дека СДСМ е партија во која владее исклучително ниво на демократија, но секојдневно се промовираат почитуваат различни мислења, за дополнително да се зајакне демократијата. Нашата татковина, еднаш беше, но никогаш повеќе нема да биде земја каде вистината се шепоти, а лагите се извикуваат на цел глас, велат од владејачката партија.

Четврта точка е градење на СДСМ за новото време – млад СДСМ, прв во промените, а поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани е петтата точка од Програмата.

На 21 март, во недела, секој член на СДСМ кој активно се регистрирал ќе има можност да гласа. Зоран Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер