Додека домашниот тутун скапува неоткупен, во Македонија влегува тутун од странство за кој не се знае каде завршува, вели Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според информации од неговата партија, минатата година биле увезени 5 шлепери со тутун од страна на фирмата „Студенац шпед“ во сопственост на Димче Тројановски за кој, како што посочи Трипуновски, бил бизнис партнер на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
И двајцата, додаде Трипуновски, важат за блиски луѓе до Љупчо Николовски.
„Љупчо Николовски, како прв антикорупционер да одговори, дали фирмата ‘Студенац шпед’ има лиценца за работа со тутун како акцизна стока и дали е дозволен увоз на тутун од фирма која воопшто не смеела да увезе. Како е влезен тутунот на граничен премини, како се издадени документи од царинската управа за влез на 5 шлепери тутун увезени од фирма без лиценца“, праша Трипуновски.
Побара надлежните органи веднаш да реагираат и да отворат постапка за да се утврди дали во Македoнија нелегално се прави увоз на тутун и кој сè е вмешан во целата процедура.