Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше за повеќе детали во врска со полицискиот час кој стапува на сила од утре (10 март) и ќе важи до 22-ри месевов во период од 22 до 5 часот наредниот ден.
Арсовски нагласи дека одлуката за забрана за движење нема да важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми и за патниците во меѓународниот превоз на патници.
„За време на полицискиот час, како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин“, објасни портаролот.
Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски при што ќе се спроведуваат и досега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Арсовски посочи дека Министерството за информатичко општество е задолжено да објави соопштение со кое ќе ги извести граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи од претходните одлуки за забрана на движење.
„Потврдите издадени минатата година преку порталот uslugi.gov.mk за правните лица, остануваат да важат. Доколку има потреба од нови дозволи за движење, за државни институции, за вработени кои досега немале вакви дозволи ќе бидат издавани преку овој портал“, соопшти владиниот портпарол, додавајќи дека ресорното министерство ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле, како и на оние кои имаат дополнителни барања.
Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска помош и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи, при што ќе ги дадат потребните лични податоци за себе и за оној кој ќе ги придружува притоа информирајќи за линијата на движење.
Дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб, во соработка со надлежните органи на државната управа.