Утрински Весник
Економија

Кулебанова: Поддршката за жените претприемачи недоволна

Кулебанова: Поддршката за жените претприемачи недоволна

Сојузот на стопански комори на Македонија, Здружението на бизнис жени и Федерацијата на фармери покренуваат иницијатива за формирање на посебен фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво со барање да се овозможи изготвување на родово поделени статистики за справување со проблемите од кризата и да се креираат специфични мерки за заздравување на женското претприемништво.

„Женското претприемништво може да даде значен придонес во поттикнување и развој на претприемништвото и економијата воопшто, но за таа цел неопходна е вистинска поддршка за преживување во услови на криза“, објаснуваат засегнатите.

Валентина Дисоска претседател на Здружението на бизнис жени изјави дека во услови на пандемија, кога значително се променети условите за работа, женското претприемништво претрпе сериозни последици кои за жал не се комуницираат од институциите, а поддршката е недоволна и многу често недостапна за претпријатијата во сопственост на жени.

„Деловната активност на жените е најчесто во микро и мал сегмент кој е на стаклени нозе и се покажа за особено ранлив во услови на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Во изминативе години работевме на зајакнување и зголемување на овие претпријатија, некои имаа поголем, некои помал напредок, но тој напредок се изгуби со пандемијата.Товарот на згрижување на фамилијата, учење од дома, и работа од дома најчесто паѓа на жените претприемачи кои водат микро и мали претпријатија.“, изјави Дисоска.

Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери истакна дека проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини како социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, ограничени пристапи и понуда на образование, станаа многу видливи за време на пандемијата. Според неа, околу 64% од жените во руралните средини не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените жени во руралните подрачја вршат неплатена работа во семејни фарми.

Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори истакна дека жените имаат потреба од ефективна поддршка сега повеќе од кога и да било.

„Во досегашните пакети за економска помош имаше многу скромна поддршка за овој важен сегмент на економијата“, напомена Кулабанова.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија