Утрински Весник
Свет

Започна вакцинацијата на населението во Црна Гора

Започна вакцинацијата на населението во Црна Гора

Здравствениот дом во Подгорица денеска ќе започне со вакцинација против коронавирусот.

„Вакцинацијата, за почеток, е организирана на четири пункта во Спортскиот центар Морача и два во здравствената установа Стара Варош. Подоцна, според потребите, ќе се отворат контролни пунктови и во други здравствени установи предвидени за тоа“, се наведува во соопштението.

Здравствениот центар потсетува дека прва приоритетна група за вакцинација против коронавирус се лица постари од 80 години.

Во Црна Гора, вакцинацијата започна на 20 февруари, откако првите 2.000 дози на руската вакцина „спутник В“, Црна Гора ги доби како донација од Србија. Првото вакцинирано лице било од старски дом во Грабовац во Рисан.

После тоа, 5.000 дози „спутник В“ од Русија пристигнаа во Црна Гора, а потоа уште 30.000 дози на кинеската вакцина од „Синофарм“.

Во меѓувреме, од Црна Гора пристигна и втората пратка од уште 5.000 дози вакцина „спутник В“, од вкупно 50.000 договорени дози на тој производител.

Во Црна Гора досега 2.406 лица или 0,4 проценти од населението се вакцинирани против коронавирус, објавено е на веб-страницата covidodgovor.me.

Според процените, на Црна Гора и требаат најмалку 248.000 дози вакцина, колку што е побарано преку програмата „Ковакс“, со цел да се вакцинираат 20 проценти од населението со две дози.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници