Од денес е сменет начинот на вакцинирање во српскиот град Врање заради неодамнешниот пропуст кога едно лице беше вакцинирано со две различни вакцини.
Сменета е и локацијата за вакцинација. Сега се вакцинира само во јавната установа Спортска хала, а примателот на вакцина се следи од влезот до излезот од објектот.
„Целиот систем е дизајниран за да не се повтори грешката со давање две различни вакцини. Поставен е мониторинг, пациентот се следи целосно од влез до излез, така што грешката е сведена на скоро нула“, рече координаторот на Здравствениот дом во Врање, Небојша Димитријевиќ.
Слаѓан Антиќ од Врање прими две различни вакцини, прво таа на „Фајзер“, а потоа за време на ревакцинацијата, ја примил кинеската вакцина на „Синофарм“.
Антиќ ја примил првата доза на вакцината во Здравствениот дом во Врање, а за втората доза добил СМС-порака да се јави во Спортска хала.
По ревакцинацијата, како што вели, во разговор со докторот дознал дека е вакциниран со кинеската вакцина.
„Во разговорот, лекарот што ми е пријател ми рече – кинеската вакцина што ја прими е одлична. Изненаден го прашав – како кинеска, требаше да ја примам вакцината на ‘Фајзер’ и тогаш настана гужва “, рече Антиќ за РТС.
Во Врање четири недели е на сила вонредна состојба поради зголемувањето на бројот на болни и хоспитализирани.