Најмалку 64 политичари се убиени во последните шест месеци во Мексико. Се прфетпоставува дека тоа има некаква врска со парламентарните и регионалните избори во јуни, објави владата.
Предизборното насилство во Мексико, особено локалните избори, обично ги вршат картели вклучени во трговија со дрога.
„ Организираниот криминал се обидува да влијае врз текот на изборите“, рече министерката за безбедност, Роза Исела Родригез.
Таа наведе 73 случаи на политичко насилство, вклучувајќи 64 убиства. Министерката не прецизираше колку кандидати има меѓу нив за изборите на 6 јуни.
Владата најави зајакнување на заштитата на ранливите кандидати. Најчесто насилство врз политичарите се убиства, киднапирања, закани кон роднини, палење и изнуда.
Во Мексико, 94 милиони граѓани имаат право на глас на изборите за 500 пратеници во долниот дом на парламентот, 15 од 32 гувернери, членови на конгрес – парламенти во 30 сојузни држави и илјадници градоначалници и други локални функционери.
Според институтот „Етелект“, за време на изборната кампања во 2018 година биле убиени 153 политичари, од кои 48 биле кандидати за позиција. Институтот нагласува дека 90 проценти од тие злосторства остануваат неказнети.
Од декември 2006 година, кога владата започна офанзива против наркокартелот, Мексико, според официјалните податоци, забележа повеќе од 300.000 убиства.