Големите фаворити за титулата во Ротердам, Данил Медведев и Александар Зверев, го завршија својот настап на овој АТП турнир од серијата 500. Тенисерите кои на АТП листата се наоѓаат на третото, односно седмото место, испаднаа од Душан Лајовиќ и Александар Бублик.
Во отсуство на двајцата најдобри во светот, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, статусот на прв носител во Ротердам го доби Медведев. Рускиот тенисер, кој неодамна играше во финалето на Австралија опен, испадна од 27. на АТП листата, Душан Лајовиќ.
Српскиот тенисер забележа победа по 96 минути игра. Лајовиќ првиот сет го доби во тај-брејк со 7:4, а во вториот клучниот брејк го направи во деветтиот гем, откако во претходниот успеа да спаси две топки за брејк.
Медведев со овој пораз ја испушти можноста да го мине Надал на второто место. За таков резултат требаше да се пласира во финалето на турнирот.
Лајовиќ во наредното коло за противник ќе го има Борна Чориќ.
Третиот носител во Ротердам, четврт-финалист на Австралија опен, Александар Зверев за 79 минути игра загуби со 5:7, 3:6 од 43. на АТП листата, Александар Бублик. За тенисерот од Казахстан ова е прва победа над играч од Топ 10.
Двата сета се играа по исто сценарио. Зврев направи брејк на стартот и на првиот и на вториот сет, Бублик експресно возвраќаше, а потоа правеше уште по еден брејк во клучните моменти.
Противник на Бублик во наредното коло ќе му биде Американецот Томи Пол.
> Шок во Ротердам, од турнирот испаднаа Медведев и Зверев <