Со попишување на дијаспората в понеделник официјално почнува пописот. Иселениците ќе можат апликацијата за самопопишување да ја најдат на веб страницата на Државниот завод за статистика, а линк до неа ќе постави и Министерството за надворешни работи.
Помош за пополнувањето на апликацијата иселениците ќе можат да добијат и од сите дипломатско-кознуларни претставништва кои веќе добиле инструкции и отвориле телефонски линии кои ќе им бидат достапни 24 часа.
„ Апликацијата е достапна на осум јазика. Оние кои се подолго заминати ако имаат проблем со разбирање на јазикот , ќе може да се попишат и на англиски јазик“, рече министерот, Бујар Османи и објасни дека иселениците ќе можат да се попишат и од мобилен телефон.
Министерот Османи нагласи дека резултатите од попишувањето на иселениците се од исклучителна важност за државата.
„Податоците ќе ни овозможат да ги утврдиме политиките како да им пристапиме, да им понудиме услуги, да ги воочиме причините за заминувањето и направиме стратегии како да ги вратиме назад“, рече министерот Османи.
Кампањата за информирање на иселениците за пописот почнува денес.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски рече дека апликацијата е лесна и едноставна за пополнување, идентична на онаа по која ќе се попишува и во државата, а податоците од иселениците ги чекаат заклучно со 31 март.
„Процесот на попишување ќе биде преку веб – апликација која е едноставна. Секој во странство лесно може да ја пополни. Единствен услов е да се најави со својата имејл адреса. Пристап до апликацијата од Македонија нема, а за податоците што ќе ги остават преземени мерки со кои ќе бидат заштитени. Податоците ги чекаме до 31 мар на полноќ, оти ни треба време да ги споредиме со податоците кои ги имаме овде“, вели директорот Симовски.
Според него, целта на попишувањето на иселениците, покрај собирањето податоци е да ги потсети дека иако се иселиле тие дел од земјата од која потекнуваат.
Од понеделник почнува попишувањето на уште пет категории граѓани односно во соработка со Министерството за одбрана почнува попишувањето во Армија, во соработка со Министерството за правда почнува пописот на лицата во казнено поправните установи, а во соработка со Министерството за труд и социјала во истиот период, ќе се попишуваат и лицата во воспитно – поправни домови.