Утрински Весник
Македонија

Згурата од велешката топилница ќе се сепарира на струја и од март забрзано ќе се извезува

Згурата од велешката топилница ќе се сепарира на струја и од март забрзано ќе се извезува

Сепарирањето на минералната техногена суровина од отпадот на депонијата на некогашната Топилница во Велес ќе се работи на струја. Инвестицијата на концесионерот, компанијата „Кепс Монт груп“, во довод за електрична енергија со должина од 1.200 метри е завршена, а деновиве се очекува ЕВН да го изврши и поврзувањето со мрежата. Ова беше еден од условите да се забрзаат работите во одвојувањето на троската и извозот на материјалот. Сепарирањето на суровините насобрани во црниот рид досега се правеше со помош на генератори, но потребите на откупувачите за поголеми количини, како и за побрзо расчистување на депонијата ја условија оваа инвестиција.

Ископ за довод на струја во месноста „Баш Колиби“, фото: Кепс монт груп

Концесионерот најавува дека од следниот месец ќе се работи во три смени на ископ, сеење, товарење и транспорт на суровината од олово-цинковата јаловина на локацијата „Баш колиби”. Се очекува покрај извоз во Србија и Албанија, да почне и веќе најавуваната соработка со партнер од Турција.

„Изминатите месеци работевме согласно со временските услови со намалена динамика и извоз. Како што планиравме во овој период ја завршивме и инвестицијата во обезбедување на електрична енергија за потребите на сепарацијата и од март стартуваме со зголемена динамика за да ги задоволиме потребите од суровина на откупувачите. Со оглед на тоа дека сега се создадени услови за работа, доколку има потреба ќе монтираме и уште една сепарација и ќе го дуплираме капацитетот“, посочуваат од „Кепс Монт груп“.

Во двете соседни земји, како што беше најавено, ќе се извезат и ќе се преработат околу 300.000 тони од суровината, откако ќе биде исчистена од отпадот што со години се таложел во неа, а остатокот треба да го откупува компанијата од Турција, која има капацитети за преработка на Блискиот Исток. Првично, троската од Велес требаше да се извезува во Малезија, но оваа земја на почетокот од минатата година забрани увоз на отпад.

Извозот на суровината беше условен од претходното сепарирање, пред се од градежен, но и комунален шут, па и апарати од домаќинство, кои со децении се таложеле на депонијата. Тој ќе биде депониран на општинската депонија за оваа намена, која ја стопанисува јавното комунално претпријатие „Дервен“. Се проценува дека, во црниот рид, кој е последица од работата на некогашната Топилница и кој има околу 1,8 милиони тони отпад, има шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина, но има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… Целата операција на сепарирање и транспорт на згурата ќе потрае помеѓу четири и шест години.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција