Утрински Весник
Свет

ЕУ размислува за санкции во Мјанмар, САД ги прошири

ЕУ размислува за санкции во Мјанмар, САД ги прошири

Европската Унија соопшти дека размислува за воведување санкции против Мјанмар, а САД вчера ги проширија на уште двајца генерали поврзани со воениот удар во таа земја.

Истовремено, демонтрантите ширум земјата се уште секојдневно протестираат поради превратот кој се случи на 1 февруари, пренесе „Ројтерс“.

Владите на земјите членки на ЕУ вчера им изразија поддршка на демонстрантите кои бараат војската да и ја врати власта на цивилната управа, како и ослободување на премиерката Аунг Сан Су Чи, која е во притвор.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас најави во Брисел дека санкциите се следен можен чекор доколку дипломатијата не постигне успех во преговорите со воениот врв на Мјанмар.

„Не можеме само мирно да стоиме по страна и да ги набљудуваме случувањата во Мјанмар“, истакна Мас.

„Ројтерс“ наведе дека ЕУ размислува за санкции кои ќе бидат насочени против компании со кои управува војската на Мјанмар, но нема да се укинат трговските повластици кои ги има земјата, со цел да не се предизвика поголема штета за сиромашното население.

САД вчера воведоа санкции против уште два члена на хунтата, генералите Мое Минт Тун и Маунг Маунг Ки, предупредувајќи дека би можеле да следат и нови мерки. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден претходно воведе санкции за вршителот на должност претседател на Мјанмар и за уште неколкумина воени офицери, како и за три компании со кои управува војската.

Поради генералниот штрајк против воената хунта во Мјанмар, многу компании и продавници беа затворени во понеделникот, додека огромна маса луѓе повторно се собраа низ целата земја и покрај заканите од властите дека конфронтацијата со безбедносните сили може да ги чини нивните животи, а за денеска се планирани нови протести.

Здружението за помош на политичките затвореници соопшти дека најмалку 640 луѓе се уапсени, обвинети или осудени по воениот удар на 1 февруари во Мјанмар.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно

Голем руски напад врз украинските електрани, експлозии низ целата земја

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени