Утрински Весник
Свет

Ватикан откри нови детали за своето богатство и недвижнини

Ватикан откри нови детали за своето богатство и недвижнини

Престижни адреси во Париз, Лондон и Женева и 3.000 имоти во Рим – Ватикан откри нови детали за своето царство во недвижнини, изворите на приход и скандалите.

Нунцио Галантино, кому папата Франциско му ја даде задачата пред две години да го централизира имотот на Ватикан, вели дека му здодеало од „сензационалистички“ приказни за папското богатство.

„Едноставно не е точно кога луѓето велат дека повеќето недвижнини во Рим им припаѓаат на Католичката црква и на Ватикан“, изјави за АФП бискупот, кој ја предводи Административната управа за имот на Апостолската столица (АПСА), пренесува „Себиз“.

Размерот на имотите во Ватикан е огромен, а управувањето со зградата во Лондон предизвика голем скандал во срцето на Католичката црква.

Со години АПСА управува со 737 објекти во срцето на Париз околу Булеварот Сен Мишел, градската област Одеон и Елисејските полиња, на површина од скоро 56.000 квадратни метри, во вредност од околу 595,5 милиони евра.

Во Лондон има 27 недвижнини – близу плоштадот Сент Џејмс, Кенсингтон и Бонд Стрит, со површина од околу 4.600 квадратни метри, проценети на околу 108,5 милиони евра.

Во Швајцарија, особено во Женева и Лозана, Црквата поседува 140 имоти од 16.000 квадратни метри и вредни повеќе од 91 милион евра.

Ватикан има изградено цели згради во Рим, претежно во двете главни улици што се поврзуваат на плоштадот Свети Петар, вклучувајќи ја и познатата „улица на помирување“ Виа дела Консилиационe.

Денес, АПСА е задолжена за изнајмување на 2.400 станови и 600 канцеларии и продавници во Италија, што и донесе 99 милиони евра во 2019 година.

Околу 15 проценти од нив се на слободен пазар, 30 проценти се субвенционирани закупнини, особено за вработените и пензионерите, а останатите се згради во кои се сместени институциите на Ватикан или обезбедуваат бесплатни заеми на училиштата и универзитетите.

Целта на Галантино е да ја подобри „профитабилноста“ на имотот на Ватикан, истакнувајќи дека некои станови се празни, а други се трошни.

Тој наведува дека е тешко да се одреди вредноста на имотот во Италија, не само затоа што зградите како базиликата Свети Петар се непроценливи, туку нивната вредност може да се протега на неколку милијарди евра само за недвижнини на пазарот за изнајмување.

АПСА сè уште врши попис на имотот во Италија, а Галантино се надева дека ќе биде готов до пролет.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Борел: Не можеме да го поткопуваме Меѓународниот кривичен суд

Русија врати седум украински деца со посредство на Катар

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“