Утрински Весник
Економија

Бесими: Петиот пакет мерки насочен кон закрепнување на економијата, инвестиции и развој

Бесими: Петиот пакет мерки насочен кон закрепнување на економијата, инвестиции и развој

„Петтиот пакет-мерки има развојна компонента, односно е насочен кон закрепнување на економијата, инвестиции и развој. Тоа е важно да се испрати како порака, тоа сме го дискутирале со коморите, и мислам дека тоа ќе биде една здрава основа не само за да излеземе од кризата туку и за да се обезбеди побрз раст во следниот период, нормално следено и со други структурни реформи коишто не се дел од мерките, но се дел од економската програма на Владата. Но за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Македонската Радио Телевизија.

Министерот информира дека Буџетот е во добра кондиција и оти реализацијата на приходите и расходите е согласно проекциите, но оти треба да заврши месецот за да може да се направи споредба со минатата година.

Добрите економски политики кои се преземаат во услови на ковид криза се потврдени и со извештаите на кредитните рејтинг агенции.

„Стандард и Пурс во последниот извештај го потврди кредитниот рејтинг на нашата држава којшто останува на исто ниво на кредитен рејтинг, со стабилен изглед за во иднина и ова можам да го констатирам како успех во година на криза. Ова е уште еден добар сигнал за стабилните политики во период на криза, што е многу важно од аспект на нашето присуство на меѓународниот финансиски пазар за финансирање на потребите на нашата економија“, нагласи министерот.

На прашањето во однос на реализацијата на мерката за финансиска поддршка за исплата на плати од аспект на механизмите на контрола за оние фирми коишто вршат злоупотреби и не ги исплаќаат платите Бесими е дециден дека е повеќе од јасно дека тие што не ги исплатиле платите нема да имаат право да аплицираат воопшто, но и дека ќе одговараат пред институциите доколку сториле друг прекршок.

Министерот вели дека внимателно се следи реализацијата на мерките. Истите имаат позитивно влијание на економската активност, што е видливо и во податоците за растот во третиот квартал 2020 година споредбено со претходниот, но и во податоците за бруто инвестициите коишто во третото тримесечје забележаа огромен скок и коишто ако во вториот квартал бележеа пад од околу 35 проценти, во третиот квартал државните и приватните инвестиции бележат 4,2 проценти раст во споредба со 2019 година кога немаше ковид криза.

„Влијанието на преземените мерки и политики врз ублажување на ефектите од ковид кризата врз нашата економија се веќе евидентирани. Политиките коишто ги преземаме беа потврдени и од меѓународните финансиски институции ММФ, Светската банка и од кредитните рејтинг агенции како добро поставени политики коишто го ублажија ефектот на кризата“, истакна Бесими.

Очекувањата на светско ниво е стабилизација на економијата. Министерот потенцира дека остануваат проекциите согласно коишто за годинава се предвидува раст на економијата од 4,1 процент, но истовремено упатува порака дека растот нема да се постигне лесно.

„Постигнувањето на растот ќе биде проследен со многу предизвици и од аспект на економската политика и од аспект на приватниот сектор и на пазарот на труд. Оваа година е специфична со многу претпазливости од сите страни за да успееме во ова што го правиме. Затоа одиме со петиот пакет-мерки со развојна компонента, но за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор“, вели тој.

Воедно нагласува дека главен приоритет е здравјето и оти здравствениот сектор ќе биде главен детерминант за движењата на економијата.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“