Со околу 280 сончеви денови во текот на годината во земјава, домаќинствата сѐ уште малку ја искористуваат бесплатната, чиста енергија од сонцето за добивање на електрична енергија во домовите, со што сметките за струја можат да се намалaт и до 50 отсто, особено во зимските месеци.
Иако има интерес кај граѓаните за поставување на фотоволтаични панели на покривите на домовите, досега реализацијата на оваа инвестиција во најголем дел е на нивна сопствена иницијатива со пари од џеб, а помалку со помош на субвенции од државата. Ова се случува и покрај гласната промоција за поголема искористеност на чистите извори на енергија, со цел намалување на загаденоста на воздухот, проблем со кој се соочуваме секоја грејна сезона.
Фотоволтаичните панели кои ја претвораат сончевата енергија во електрична за потребите во домаќинствата, можат да се приклучат на мрежата на ЕВН, или на друг избран снабдувач со струја, посочуваат од ЕВН за „Мета.мк“. Оваа компанија нуди комплетни услуги, од проект до монтажа и приклучување кон дистрибутивната мрежа и одржување на панелите.
„Електричната енергија што ќе се добие од овие панели може да се користи за секаква домашна употреба, но може и да се продава на слободниот пазар на струја, ако има вишоци. Тие се продаваат на снабдувачот на електрична енергија со кого ќе се потпише договор“, велат од ЕВН.
Најдобра опција за домаќинствата е доколку вишоците на струја ги има, тие да се вкалкулираат во сметките за струја, посочуваат од Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ).
Според РКЕ, електричната енергија која ја произведува фотоволтаичен панел на домаќинството, треба да биде земена во предвид при изготвување на сметката за струја од страна на снабдувачот.
„Можно е во летните месеци домаќинствата во оптек да пуштат повеќе струја на пазарот, отколку што ќе искористат од снабдувачот од каде ја добиваат електричната енергија. Инвестицијата за поставување на фотоволтаичен панел на покрив се движи од 600 до 700 евра по киловат. За да се инсталираат максималните 4 киловати, колку што се потребни во просек за одвоена куќа, потребна е инвестиција од близу 3 илјади евра“, вели за „Мета.мк“ Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Тој додава дека со 1.200 до 1.500 часа работење на фотоволтаикот на годишно ниво, за неколку години ќе може да се отплати инвестицијата. Според него, понеисплатливо е да се поставуваат фотопанели во станбени згради, освен во заедничките простории кои се користат, влез, подруми и лифтови, затоа што и броилата се одделни за секое домаќинство. Односно дека е поедноставна и поисплатлива оваа инвестиција за домаќинства како една станбена единица.
Голем интерес, а досега малку реализирани фотоволтаични проекти има кај домаќинствата со субвенциите на државата. Тоа го покажуваат податоците од Министерството за економија, надлежно во делот на енергетиката и активностите за промоција на обновливи извори на енергија.
Од таму посочуваат дека за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства (топла вода за греење), заклучно со 2019 година, субвенционирани се 7.301 домаќинства, од вкупно 17.435 апликанти и за тоа се исплатени приближно 106.000.000 денари (1,7 милиони евра) од буџетот на РСМ.
„Оваа година за прв пат се предлага мерката за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати, за сопствена потрошувачка за домаќинствата, во износ од 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство. Вкупните средства за реализација на оваа мерка за 2021 година изнесуваат 8.000.000 денари“, велат од Министерството за економија.
Тие додаваат дека интересот кај граѓаните за субвенциите расте од година во година, а аплицираат баратели од речиси сите градови во државата. Критериумите за аплицирање за субвенции ќе бидат дефинирани во јавните огласи кои треба да се објават во периодот мaрт-април 2021 година.
Според анализите на „Еко-свест“ за можностите за инсталирање на фотонапонски панели, ако од 700.000 домаќинства во државава, 300.000 се во куќи и кај нив се инсталираат 4 киловолтни фотоволтаични панели, тоа е инсталирана моќност од 1.200 мегавати. Годишното производство на електрична енергија од нив би изнесувало 1,8 милиони мегават часови, а намалените емисии на јаглерод диоксид ќе бидат 3,2 милиони тони годишно. За ваквата инвестиција, субвенциите од државата би изнесувале околу 10 милиони евра.
„Ако државата сака да го развие овој дел од пазарот на енергетската ефикасност и да им даде можност на граѓаните да имаат корист од ОИЕ, освен субвенции, потребни се и измени во подзаконските акти и овозможување на потрошувачите кои се снабдуваат од универзален снабдувач, да можат да преминат во категоријата потрошувач-производител, како и да се олеснат сите административни процедури“, велат за „Мета.мк“ од „Еко-свест“.