Утрински Весник
Македонија

Отстранувањето на пречките во трговијата приоритетна цел за Македонија во претседавањето со ЦЕФТА

Црна Гора останува затворена за македонските граѓани, Грција ги засилува мерките

Македонија оваа година ќе претседава со Централно европскиот договор за слободна трговија ЦЕФТА. Министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција истакна дека претседавањето доаѓа во момент со започнување на имплементацијата на Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар кој беше усвоен во Софија во ноември 2020 година.

„Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА, со цел да се овозможи просперитет и благосостојба на граѓаните. Приоритетите на нашето претседавање со ЦЕФТА во 2021 година се однесуваат на слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол седум за решавање на споровите како и институционалниот развој на ЦЕФТА структурите,“ рече Бектеши.

Тој додаде дека во делот на олеснување на трговијата со стоки, оваа година ќе се фокусираат на взаемното признавање на трговските документи, поедноставувањето и усогласувањето на процедурите и понатамошното усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ.

„Нашите активности ќе бидат насочени кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА страна, во врска со елиминација на пријавените нетарифни бариери, подготвување на единствен список со сите такси за давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за взаемно признавање на овластените економски оператори,“ додаде Бектеши.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека градењето на еден заеднички регионален пазар е од големо значење за зголемување на конкуренцијата на Западен Балкан на европскиот пазар. Тој додаде дека ова е од особено важно во постковид-кризата како и за зголемување на инвестициите во еден заеднички пазар кој го сочинуваат 18 милиони луѓе. Заедничкиот пазар за Западен Балкан, Гир го оцени како значаен посебно во претпристапниот период во ЕУ.

Евроамбасадорот изнесе податок дека има 14 царини и 11 граници помеѓу земјите на Западен Балкан со ЕУ, а камионџиите поминуваат 28 милиони часови чекање на граници, што е загуба од еден процент од БДП.

Гир го оцени како позитивно воспоставувањето на „зелени линии“ помеѓу државите од регионот за време на ковид-кризата, па стоките стигнуваа навреме до дестинациите.

Евроамбасадорот го истакна значењето на развој на ИТ-системи и модерни терминали за земјите во иднина да имаат поевтино и побрзо движење на стоките низ границите, при што од голема улога ќе биде развојот на дигиталниот пазар.

Тој изрази надеж дека претседавањето на Македонија со ЦЕФТА, ќе придонесе во подобрување и зголемување на трговијата во регионот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина