Сирискиот режим насилно ги запленува земјиштата и имотите на неистомислениците и нивните семејства и ги продава на јавни лицитации, се вели во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (СНХР), пренесува „Мидл Ист ај“.
Според извештајот, сирискиот режим досега зазел најмалку 440 квадратни километри земјоделско земјиште во предградијата на Хама и Идлиб по преземањето контрола врз нив.
„Сирискиот режим користеше разни форми на терор и репресија врз антирежимските демонстранти и се впушти во борба против своите противници со запленување на нивните земјиште и имоти како форма на казна за нив и за нивните семејства, а истовремено имаше и материјална добивка, што им ја прераспредели на безбедносните служби и локалните милиции како начин на плаќање наместо готовина“, се вели во извештајот.
СНХР објасни дека прорежимското Народно собрание донело голем број закони, што ѝ дозволуваат на владата на претседателот Башар Ал-Асад да ги заплени и продаде имотите на политичките противници и кои имаат јасна димензија на политичка одмазда.
Голем број сопственици изјавиле за Сириската мрежа за човекови права дека нивните земјишта и посеви се запленети, без никакво обесштетување, а потоа се продаваат на лажни јавни лицитации.
Сирија е опустошена од граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година кога режимот на Асад изврши силен удар врз демократските демонстранти. Стотици илјади луѓе се убиени, а повеќе од десет милиони се раселени, според процените на ОН.