Утрински Весник
Спорт

Ѓоковиќ посилен од повредата и од Тејлор Фриц

Ѓоковиќ посилен од повредата и од Тејлор Фриц

Новак Ѓоковиќ и повреден успеа да го победи Тејлор Фриц и да избори пласман во осмина-финалето на Австралија опен. Бранителот на титулата, во пет сета го победи Фриц со 7/6, 6/4, 3/6, 4/6, 6/2. Дуелот траеше три часа и 27 минути.

Новак Ѓоковиќ одеше кон лесна победа против Фриц, кој на моменти играше исклучително добро, меѓутоа повредата која ја доживеа на почетокот на третиот сет, придонесе дуелот да се игра во максимални пет сета.

Ѓоковиќ со мали проблеми го доби првиот сет во тај-брејк, во вториот му беше доволен еден брејк за да обезбеди сигурна предност.

Во третиот се повреди, неколку пати бараше медицинска помош, Фриц тоа го искористи и успеа да израмни на 2:2 во сетови.

Третиот и четвртиот сет траеја еден час и 16 минути. Тоа време Ѓоковиќ како да го искористи да собере сила за решавачкиот сет.

Сетот на одлука започна со сигурни сервиси од двете страни, а од резултатот 2:2, Ѓоковиќ до крајот два пати направи брејк, освои пет гема во низа за пласман во наредната рунда.

„Ментално и емотивно се чувствувам одлично. Неверојатно е што успеав да победам. Еден од најдобрите мои мечеви, под вакви околности. Не сакам да зборувам за победата. Луѓето нема да го разберат тоа. Не можев да се движам, не можев да се „ротирам“. Можев само да сервирам. Во петтиот сет се чувствував малку подобро. Задоволен сум и загрижен, се уште не знам што се случува, како да ми пукна мускулот. Ќе видиме. Не знам дали за два дена ќе можам да играм“, изјави Ѓоковиќ по спектакуларната победа.

Доколку во недела се појави на теренот, противник на Ѓоковиќ ќе му биде Милош Раониќ.

> Ѓоковиќ посилен од повредата и од Тејлор Фриц <

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Хагерти за Надал: Организиравме сè онака како што сакаше Рафа

Поранешен фудбалер со нож нападнат во Њујорк

Намибиски новинар му одговори на Перез: Тој е фрустрирана личност