Утрински Весник
Свет

„Независимаја газета“: Кина ќе ги казни земјите што ќе ги бојкотираат Олимписките игри во Пекинг

„Независимаја газета“: Кина ќе ги казни земјите што ќе ги бојкотираат Олимписките игри во Пекинг

На една година до почетокот на Олимписките игри во Пекинг, политичките расправии околу овој настан се вжештуваат, пишува „Независимаја газета“.

Група американски сенатори побара Меѓународниот олимписки комитет да ѝ го одземе правото на Кина да биде домаќин на игрите. Двајца пратеници во Велика Британија ги повикаа британските спортисти да ги бојкотираат Олимписките игри. Освен тоа, повеќе од 180 групи за човекови права ѝ се приклучија на кампањата.

Обвинувањата на Вашингтон во врска со состојбата со човековите права во автономниот регион Сјининџијанг претставуваат најголема опасност за Кина.

Пекинг ги отфрла обвинувањата за геноцид како дрски лаги, велејќи дека неговата политика кон Сјинџијанг е насочена кон борба против сиромаштијата и спречување на ширење на екстремистичките и радикалните идеали.

Сепак, освен во САД и Велика Британија, и политичарите во Австралија и Канада почнаа да зборуваат за потребата да се воздржат од испраќање спортисти во Пекинг.

Пекиншки  „Глобал тајмс“ пишува дека Кина се соочува со сериозен предизвик и ако некоја земја се реши да ги бојкотира игрите во Пекинг, Кина ќе возврати со убедлив одговор. Главниот уредник на весникот се огласи на Твитер за да разјасни дека Кина ќе ги казни непријателите со санкции.

В.д директорот на Институтот за далекоисточни студии при Руската академија на науките, Алексеј Маслов истакна дека не е првпат да се поставува прашањето за санкции во врска со повиците за бојкот на Олимписките игри.

„Каков вид на санкции се можни? Прво, повисоки тарифни бариери за голем број земји кои ги извезуваат своите производи во Кина. Некои американски политичари кои бараат ограничувања против Пекинг може да се соочат со санкции. Покрај тоа, Пекинг може да ги ограничи активностите на американските и другите странски мали компании. Нема големи шанси многу земји да ги бојкотираат Олимписките игри иако САД ќе гледаат на тоа како можност да се изврши притисок врз Кина “, нагласи експертот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk