Утрински Весник
Свет

(Видео) Полицијата во Мјанмар со водени топови ги растура протестите против пучот

(Видео) Полицијата во Мјанмар со водени топови ги растура протестите против пучот

Масовните мирни демонстрации во Мјанмар против воениот удар продолжија трет ден по ред со илјадници учесници низ целата земја, пренесува РТ.

Во главниот град Најпјидау, полицијата користеше водени топови на место каде што толпата блокираше пат. Со водените топови беше пукано во кратки рафали, при што некои луѓе биле соборени на земја, според снимките од местото на настанот.

Генерално, ситуацијата останува мирна и покрај стравувањата од преместување на трупите во Јангон, најголемиот град на Мјанмар, во последните неколку дена.

Војската на Мјанмар на 1 февруари го смени цивилното раководство на нацијата и ги уапси неговите членови, вклучувајќи го и избраниот лидер, државната советничка Аунг Сан Су Кји, откако ја обвини нејзината партија за местење на парламентарните избори во ноември, на кои победи со огромна предност.

Пучот ги предизвика најголемите протести од Шафранската револуција во 2007 година, што даде поттик за демократска транзиција по долг период воено владеење. Покрај протестите, противниците на војската организираат кампања за граѓанска непослушност, повикувајќи на штрајкови. Напорите ги водат здравствени работници, лекари и други државни службеници.

Пучот го осудија повеќе земји и ОН, кои ги повикаа генералите во Мјанмар да ги ослободат сите уапсени функционери и активисти и да ја обноват цивилната влада.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков