Изградбата на патничките транспортни терминали во Скопје ќе ја чека изработката на новиот Генерален урбанистички план за периодот 2022-2032 година. Популарните Park & Ride терминали во македонскиот главен град се ветија пред една деценија, но до денешен ден не се изградија на влезовите во Скопје, каде би можело да се паркира возилото и од таа точка да се продолжи патувањето со градско-приградска автобуска линија, велосипед или железница.
Од Град Скопје за „Мета.мк“ велат дека за реализација на патничките транспортни терминали неопходно е најпрво да се заврши процесот на изработка на Студијата за новата мрежа на градско-приградски линии на територијата на Град Скопје, која во моментов е во фаза на евалуација од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Исто така, градските власти сметаат дека овој проект е поврзан со донесувањето на новиот ГУП на Град Скопје, при што во моментов за потребите на идниот ГУП се прави евалуација на Планот за одржлива урбана мобилност за долгорочна визија на урбаниот транспорт, кој е финансиран од ИПА фондовите на ЕУ.
„Со Планот за одржлива урбана мобилност (СУМП) се надеваме дека ќе ја добиеме основата за изработка на Park & Ride паркинг терминалите“, велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.
Освен довршување на постапката за подготовка на овие документи, градските власти од годинешниов буџет не предвидуваат да одвојат средства за реализација на вакви патнички транспортни терминали во Скопје. Инаку, Park & Ride терминалите би биле наменети за паркирање на возилата кои доаѓаат од другите градови во Скопје, а кои според застарените проценки од 2012 година, се околу 30.000 возила на дневно ниво.
Овие патнички транспортни терминали би требало да се изградат покрај автопатите на влезовите во Скопје, во Сарај од западната страна, и во Хиподром, Илинден или Петровец од источната страна. Покрај тоа што би можело да се паркира возилото на овие локации, од оваа точка возачите ќе може да се прекачат на автобус, воз или велосипед кој би ги одвел до крајната дестинација во Скопје.
На тој начин, со овој проект главниот град би имал неколку бенефити: би се намалил сообраќајниот метеж во Скопје, би се ублажил проблемот со паркирањето, додека на граѓаните од другите градови би им се овозможило поевтино и побрзо да го реализираат своето патување во главниот град.
Во развиените европски градови, ваквите Park & Ride терминали се градат во близина на најоддалечените метро станици, покрај железнички станици во приградските населби или на локација до која е изградена велосипедска мрежа, а во Скопје ваквите патнички транспортни терминали би можеле да претставуваат уште една шанса за развој на градско-приградската железница во Скопје, која се ветува веќе три децении.