Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на индустриската зона Чојлија упати прашање до власта, каде и се седумте пратеници кои не гласале за поддршката на вицепремиерот, Никола Димитров на собраниската седница кога се разгледуваше предлогот за неговата интерпелација.
Мицкоски порача дека ова покажува дека тие пратеници наскоро би гласале за друго мнозинство или нова Влада.
„Она што се покажа на интерпелацијата на Димитров е дека Заев ја нема довербата од 62 пратеника, што значи ако денеска би се гласала доверба на Владата тој нема да помине, затоа што ќе има само 55 пратеника. Така што наместо да се извртуваат тезите, треба да се запраша каде исчезнаа седум пратеници кои пред само шест месеци го гласаа Никола Димитров“ рече Мицкоски.
Тој уште еднаш го повтори ставот околу спроведувањето на пописот, дека преку собирање на потписи и поднесување Закон во Собранието ќе бараат поништување на донесениот закон за попис. Според него, нема потреба од спроведување на ова статистичка операција во време на пандемијата и предлага таа да се изврши електронски со споредување на базите на податоци што ги имаат надлежните институции.