Голем интерес од домашни и од странски инвеститори, но засега слаби резултати во врска со проектот за изградба на две фотонапонски електрани на местото на РЕК Осломеј, кои поточно треба да бидат лоцирани на местото на стариот рудник за јаглен, а да се градат како јавно приватно партнерство (ЈПП).
На тендерот кој беше распишан лани во февруари, а траеше до мај 2020, интерес покажаа многу компании од земјава, регионот и светот. Над 40 компании беа поканети да учествуваат на онлајн презентацијата за овој проект кон крајот на септември минатата година, а кои требаа потоа своите понуди да ги достават до крајот на октомври 2020. После тоа, Владата требаше да го избере најповолниот понудувач и изградбата на електраните да започне во текот на оваа година.
Сепак, само две компании од многуте кои учествуваа на презентацијата, доставиле и конкретна понуда. Но, поради тоа што имало грешки во нивната апликација, нивните понуди не биле прифатени. Имињата на компаниите, не се објавуваат, одговорија од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), на прашањето на Мета.мк.
„Комисијата задолжена за конкретната јавна набавка, ги разгледа пристигнатите понуди. И кај двата понудувача имаше грешка-недостатоци во постапката за аплицирање. Комисијата го извести Управниот одбор на АД ЕСМ, по што тој ја информираше Владата на РСМ, а потоа Владата го задолжи АД ЕСМ да го реобјави тендерот, кој сега е со скратен рок, до 12 март 2021 година“, рекоа од ЕСМ за Мета.мк.
Од овие причини, односно поради грешките во апликацијата, како што посочија од ЕСМ, оваа државна компанија на 4 февруари годинава објави нов оглас за јавна набавка за договор, по принципот на ЈПП, за изградба на една фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 2×40 мегавати (максимум 2×50 мегавати) во кругот на стариот рудник РЕК Осломеј, за што крајниот рок на доставување на понудите е 12 март годинава, со период на важност на понудата од 150 дена.
Според Огласот за јавна набавка, договорот за проектирање и изведување на градежни работи за електрични централи има времетраење од 420 месеци. Сега, постапката за доделување на договор за јавна набавка е со скратени рокови, а критериум е најниската цена. Изборот ќе се прави по пат на електронска постапка. Економскиот оператор треба да достави гаранција на понудата од 3 отсто од нејзината вредност и гаранција за квалитетно извршување на договорот од 15 отсто од вредноста на договорот.
„Висината на гаранцијата на понудата се утврдува врз основа на моќноста на фотонапонската електроцентрала и изнесува 20 евра по киловат, ако гаранцијата на понудата ја доставува странско правно лице, или 1.200 денари по киловат ако гаранцијата е од домашно правно лице“, стои во Огласот на Министерството за финансии, каде се наведува и дека периодот на важност на договорот е 35 години (420 месеци) што условува детално и во фази да се предвиди начинот и вредноста на банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот.
Економскиот оператор кој ќе го добие тендерот за изградба на фотоволтаична централа кај ТЕК Осломеј, меѓу другото, треба да достави документи за економска и финансиска состојба, кумулативно во последните три години да има вкупен приход од најмалку 30.000.000 евра, а просечниот годишен приход во последните три години да му изнесува 10.000.000 евра. Понатаму, да инвестирал во изградба, да изградил или да бил подизведувач во изградба на електроцентрала/и од обновлив извор на енергија со вкупна инсталирана моќност од најмалку 25 мегавати во последните 10 години и/или да управувал со електроцентрала/и од обновлив извор на енергија со вкупна инсталирана моќност од најмалку 25 мегавати во последните 10 години.
Инаку, како што соопштија од ЕСМ минатото лето, на површини во рудникот на РЕК Осломеј, предвидена е изградба на две фотоволтаични централи, а таков капацитет од ОИЕ треба да се гради и во РЕК Битола. Тој нов енергетски капацитет треба да произведува струја за 2.000 домаќинства во Кичево, да обезбеди транзиција на производството на струја од јаглен, во зелени извори на енергија, како и работни место за сега вработените во РЕК Осломеј.