Почина докторот кој го лекуваше рускиот опозиционер, Алексеј Навални, во болницата во Омск по неговото труење.
Од болницата соопштија дека Сергеј Максимишин, заменик-шеф на болницата, починал на 55-годишна возраст.
„Со жалење ве известуваме дека заменик-главниот лекар за анестезиологија и реанимација, професор на Државниот медицински универзитет во Омск, доктор на медицински науки Максимишин Сергеј Валентиновиќ почина ненадејно“, се вели во соопштението на болницата во Омск.
Навални беше примен во одделот за итни случаи во болница во Омск на 20 август лани откако му се слоши во авион. За време на хоспитализацијата на Навални, Максимишин не одржуваше прес-конференции.
Леонид Волков, шеф на кабинетот на Навални, потврди дека Максимишин бил одговорен за лекување на опозицискиот лидер.
„Сергеј Максимишин беше шеф на одделот каде се лекуваше Алексеј Навални и беше одговорен за неговото лекување, особено за да ја следи неговата медицински предизвикана кома. Тој знаеше повеќе од кој било друг за состојбата на Алексеј, па не можам да ја исклучам можноста дека ова е кривично дело“, изјави Волков за Си-Ен-Ен.
Од друга страна, додаде тој, рускиот здравствен систем е многу лош и не е невообичаено лекарите на неговата возраст да умрат ненадејно.
„Се сомневам дека ќе има истрага за неговата смрт“, додаде Волков.
Министерот за здравство на регионот Омск кажа дека Максимишин работел во болницата 28 години.