Утрински Весник
Македонија

Царовска: Со стипендии ќе ги поддржиме стручните профили што ги бара пазарот на труд

Царовска: Со стипендии ќе ги поддржиме стручните профили што ги бара пазарот на труд

Профилите кои ќе се изучуваат во средното стручно образование ги прилагодуваме на потребите на реалниот сектор, со што го осовременуваме образованието, а со политиките за стипендирање на учениците од техничките струки ќе го поттикнеме изборот токму на оние кои ќе им овозможат поголема вработливост на младите.

Ова го рече министерката за образование и наука Мила Царовска во Кавадарци, каде продолжија консултациите за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година. На средбата присуствуваа градоначалниците на Кавадaраци и Неготино, Митко Јанчев и Тони Делков, претставници на средните училишта, на локалните компании и на стопанските комори.

„Овие средби се организираат под мотото ‘Учи паметно, работи стручно’ и со поддршка на Швајцарската амбасада. Идејата е заеднички, преку социјален дијалог, да утврдиме кои се профилите коишто ќе се отворат за запишување на ученици во средните стручни училишта во училишната 2021/2022 година. Досега одржавме три средби, ова е четврта и тие покажаа дека компаниите имаат потреба да дискутираат и со Министерството и со општините и со средните училишта и дека со модуларното поставување на средното стручно образование може да се направат комбинации за да можат профилите да служат на повеќе компании“, изјави министерката Царовска.

Со овој начин само го спуштаме дијалогот на локално ниво, за да ги утврдиме потребите и да ги сервисираме, додаде Царовска, посочувајќи дека со воспоставување паралелки со дуално образование или одреден период од образованието да се поминува во компанија, а одреден во училиште, ќе добиеме квалификувана но и мотивирана работна сила.

„Очекувам на крајот од сите дебати, училиштата до МОН да испратат барања за отворање на профилите коишто биле утврдени на овие средби и тие да станат реалност во наредната училишна година“, изјави министерката.

Градоначалникот на Кавадарци, Јанчев рече дека очекува преку дебатите да се согледаат реалните потреби од квалификуван стручен кадар за овој регион, кој ќе кореспондира со потребите на пазарот на трудот.

„По направените анализи и по завршувањето на овие дебати ќе се добие реална слика за потребите од нови профили на кадри како и потреба да има доквалификување на постоечките во овие гранки од бизнис секторот каде што е потребно. За ова прашање голема е улогата на стопанските комори, кои всушност треба да бидат поврзување на образованието со бизнис секторот“, изјави Јанчев.

Локалната самоуправа на Неготино веќе стапила во контакт со голем дел од компаниите со цел да добие јасна визија каде треба да се движи општината во делот на образованието, рече градоначалникот Делков, укажувајќи дека ваквото предвремено увидување на потребите на бизнис секторот ќе даде плод во наредните години.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Ракот не погодува само еден – туку целото семејство

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!