Владата на 43. седница ја разгледа и усвои Информацијата за преземените активности за редовно користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари, информираат од таму.
„Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за внатрешни работи-Биро за јавна безбедност, Министерството за финансии-Управа за финансиска полиција, Министерството за финансии – Царинска управа, Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и Министерството за финансии – Управа за финансиско разузнавање, најдоцна до 1 март 2021 година, во веб-апликацијата „Систем за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари“, да ги внесат односно ажурираат внесените податоци за сите кривични пријави односно извештаи за случаи на корупција и перење пари доставени до основните јавни обвинителства во периодот јануари 2019 година – декември 2020 година, за целосен увид во статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари,“ се вели во соопштението.
Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата за 2020 година на Транспаренси Интернешнл (ТИ) се наоѓа на 111 место од вкупно 180 рангирани држави на овој индекс.
Воедно, на Индексот за 2020 година Македонија го бележи најнискиот резултат и најниското рангирање досега од 2001 година, кога бевме за првпат рангирани на Индексот за перцепција на корупцијата.